Новото, 26. коло од македонската Прва лига ќе стартува со денешните првенствени дуели во Тетово и Гостивар.Најпријатното изненадување во пролетниот дел од актуелната сезона, тимот на Шкендија ќе се обиде да запише уште еден триумф но сега во дуелот против гостинскиот тим на Брегалница.
Обврска да слави на гостувањето во Гостивар има и актуелниот шампион на Макеоднија, тимот на Вардар, а централниот дефанзивец на “црвено-црните”, Златко Таневски уште еднаш потцети дека шампионот има обврска да оди на победа на секој натпревар.
„Оваа средба со Напредок многу ни беше потребна за да ја вратиме самодовербата, сепак ние сме играчи кои не сме заборавиле да играме и да победуваме. Факт е дека со неколку лоши резултати, сами си направивме притисок и сега секоја средба е како да играме финале. Мораме да одиме на победа на секој натпревар и да освојуваме бодови во борба за титулата. Многу пати сме покажале дека кога е најпотребно сме го давале максимумот и сме излегувале како победници. Атмосферата во екипата е на многу високо ниво, сите сме насочени кон натпреварот со Гостивар од кој очекуваме 3 бода, и сакаме да одиме чекор по чекор, од натпревар во натпревар“, изјави Таневски.