Претпоследното, 32. коло од македонската Прва фудбалска лига, можно е да се покаже и како пресудно кога е во прашање борбата за шампионската титула.
Лидерот на првенствената табела, тимот на Работнички важи за апсолутен фаворит пред стартот на првенствениот дуел против екипата на Еуромилк и се освен сигурна победа на популарните “романтичари” ќе биде дефинирано како вистинска сензација.
Доколку бидат освоени планираните три бода и доколку соседот, тимот на Вардар забележи триумф или освои најмалку еден бод во дуелот против гостинскиот тим на Хоризонт од Турново, Работнички и официјално ќе биде крунисан за нов шампион на Македонија.
Дуелот на националната арена “Филип Втори” е големо значење за фудбалерите на Вардар кои само со победа ќе останат во игра за едно од двете места кои водат во 2. квалификациско коло од Лигата на Европа.
„Не помислуваме на друго нешто освен три бода во недела. Ја испуштивме шансата за титула, сега несмееме да ја испуштиме шансата за излез во Европа. Знаеме дека не очекува тежок натпревар и несмееме да го потцениме противникот иако на два пати го совладавме со 5:0 и 5:1. Хоризонт е екипа за респект и не случајно се наоѓаат на втората позиција“, изјави пред натпреварот крилниот напаѓач на Вардар, Драган Ѓоргиев.
Денеска на програмата: Гостивар – Напредок, Ренова – Македонија ЃП, Металург – Шкендија, Пелистер – Брегалница, Вардар – Хоризонт Т., Работнички – Еуромилк.