Ракометарите на Вардар се рехабилитираа за поразот од Нексе пред два дена откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ дојдоа до триумф против Мотор Запорожје со 32:27.
Во натпревар во кој вардарци беа во предност во текот на целата средба прашање беше само разликата. Од почетокот на средбата Вардар наметна свое темпо и игра сосема поинаква од онаа што можеше да се види во средата. Се играше сосема поинаку и во нападот имаше повеќе идеја што резултираше со постојано зголемување на предноста.
После десет минути игра беше 7:5, a во следните десет беа обезбедени дополнителни два гола на позитивата и резултатот беше 11:7. Гостите од Украина беа далеку од она што го одиграа на првиот дуел против Вардар, па таквата игра носеше многу повеќе шанса за Вардар така што на полувреме се замина со 18:13, а во првиот дел најголемото водство беше плус шест.
Првите десет минути од второто полувреме Вардар ги мина со игра 7 на 6, а тоа донесе стабилизирање на разликата. Постојано беше 4-5 гола што даваше стабилност во играта.
Ова овозможи и во продолжение од средбата да се оди со уште посилно темпо, па како одминуваше времето така стануваше сè појасно дека Вардар ќе нема поголем проблем за висока победа. Првпат се дојде и до плус седум на шест минути до крајот кога вардарци поведоа со 31:24. Сепак, не се идржа до крајот за да се врати идентично а поразот од 23:30 на првиот дуел. Вака разликата на крајот беше 32:27 така што ќе има многу математика до крајот на групната фаза.
Извор и Фото: 24Ракомет.мк