Вардар обезбеди второ место во групата

Ракометарите на Вардар во рамки на 7.коло од Лигата на шампионите вечерва во СЦ „Јане Сандански“ ја совладаа екипата на Цеље со 34:32 (19:17). Со овој триумф „црвено-црните“ се чекор поблиску до пласман на втората позиција во групата Ц.

Во првиот дел се водеше изедначена борба и по добриот почеток на Вардар, гостите направија пресврт и во два наврати имаа и предност. Играчите на Вардар се вратија брзо и во средината на првиот дел резултатот дури седум пати беше изедначен. Откако ги казнуваа грешките на противникот, Вардар на полувремето замина со два гола предност 19:17.

Во текот на целото второ полувреме македонскиот тим имаше предност, а во последните десет минути и највисоки + 5 (32:27). Во овој дел од играта се истакна Сергеј Горбок, кој сите пет голови ги постигна во вториот дел.

Најефикасни кај Вардар беа Тимур Дибиров со 7 голови и Иван Карачиќ со 6, додека кај гостите и на натпреварот најпрецизен беше Иван Слишковиќ со 9 голови, а Миха Зарабец постигна 7 (сите во првиот дел).

Во рамките на Ц групата Веспрем го победи Чеховски Медведи со 38:31. Третиот натпревар од групата вечерва го играат Монпеље и Рајн Некар Ловен.

Табела: Веспрем 14 бодови, Вардар 9, Рајн Некар Ловен 6, Монпеље 6, Цеље 4, Чеховски Медведи 1.