Вардар пак е на врвот, победувајќи ја непобедливата Воска

Најтрофејниот македонски клуб Вардар се врати на првото место во Втората лига, после денешната многу важна победа со 2-1 против директниот конкурент за позициите за домашната елита Воска Спорт во 10-то коло на стадионот „Железарница“ во скопската населба Автокоманда.

За две минути уште во првата половина од првиот дел Вардар ја обезбеди победата, прво со гол на Дарио Десниќ во 18-та, па со евроголот на капитенот Дарко Мицевски во 20-та од преку 25 метри, но црвено-црните можеа во првиот дел до врв да ја наполнат Воска, откако за 45 минути ѝ одржаа вистинска фудбалска лекција.

Но, наместо сигурна и убедлива победа, Вардар ги врати охриѓани во мечот, откако Филип Гачевски со избоксувана топка го погоди Ненад Мишковски во рака за пенал што Изаир Емини го реализираше на десет минути пред крајот.

Воска за безмалку 80 минути направи само една шанса, Бехар Фета имаше извонредна можност во 56-та која Гачевски му ја одбрани, а сè друго беше во знакот на црвено-црните, посебно во првиот дел во кој имаа дури шест други шанси за гол, седум директни шутеви наспроти ниту еден на гостите. Но, за среќа на вардарци Воска во завршницата откако се врати во мечот, не успеа да дојде до шанса за гол и да се спаси од пораз.

Владимир Жоглев имаше неколку шанси, исто како и Јован Попзлатанов, а Кире Маркоски во финишот можеше да ја завери победата.

Свое шоу попладнево имаа и најверните вардарови навивачи Комитите, кои го исполнија боксот и со константно навивање и пиротехнички шоуа дадоа голем придонес како 12-ти играч за црвено-црните да се вратат на победничкиот колосек после поразот пред една недела во Гостивар.

Вардар дојде до осмата победа сезонава и сега има 25 бода, два пред Воска која го запиша првиот сезонски пораз после седумте триумфи и двете ремија досега.

Извор: Спорт1