Актуелниот фудбалски шампион Вардар се пласираше во четвртфиналето од националниот куп, откако во реванш натпреварот од осминафиналето одигран во неделата на стадионот во Ѓорче Петров го совлада Шкупи со 2:0, по што во следната фаза од Купот на Македонија ќе се соочи со моменталниот лидер на првенствената табела, екипата на тетовска Шкендија.
Се чини дека главната грешка на Шкупи, кој беше домаќин на натпреварот, беше одлуката на неговиот стратег Адријан Нухиу да го брани резултатот 1:1 од првиот дуел, остварен како гостин. Во првото полувреме одбраната на тимот од Чаир ги остваруваше замислите на Нухиу, и напаѓачите на Вардар дојдоа само до неколку полушанси по кои не успеаја посериозно да го загрозат противничкиот гол.
Сепак, големиот простор на теренот што му беше отстапен на Вардар, неговите играчи успеаја да го искористат, кога во 64 минута Дејан Блажевски од левата страна убаво нафрли а Бобан Николов со глава ја спроведе топката во мрежата на Шкупи. Потоа играчите на Нухиу се обидоа да се отворат, но играњето на речиси цел час на своја половина се покажа како ненадминлив проблем за неговите играчи кои не успеаја да ја трансформираат својата игра на противничката половина.
Шансата на „вардарци“ да поентираат од против напад ја искористи во 82 минута Максим Максимов, кој ги реши сите дилеми околу конечниот победник на овој двомеч, а истиот играч по неколку минути пропушти идеална можност по вторпат да се впише во листата на стрелците.