Вчера заврши Меѓународниот младински турнир во фудбал „Скопје Куп“ 2014, на кој фудбалските вештини ги одмерија околу 400 фудбалери од младинските клубови на Хрватска, Србија, Бугарија и на Македонија.
Екипата на Вардар-Скопје го освои првото место во категоријата фудбалери родени 1997 година и помлади, второто место екипата на Војводина од Нови Сад, а третото место го освои ЦСКА-Софија.
Во категоријата фудбалери родени 1999 година и помлади првото место им припадна на фудбалерите на Партизан-Белград, второто на екипата на Осиек од Хрватска, а третото на ФК Реал-Ниш.
На најдобрите екипи на турнирот им беа доделени пехари и медали, на најдобрите голмани Данило Наумов од ЦСКА-Софија, генерација 1997 и Вукашин Пилиповиќ од Партизан-Белград, генерација 1999 година, им беа доделени пехари и брендирани ракавици, а на најдобрите играчи Добривоје Велемир од Војводина од Нови сад, генерација 1997 и Јован Валукин од Партизан-Белград, генерација 1999 година, пехари и копачки.
На фудбалскиот турнир 20 екипи од Македонија, Хрватска, Србија и од Бугарија беа поделени во две категории (фудбалери родени 1997 година и помлади и 1999 година и помлади). Од македонските екипи, на турнирот учествуваа Вардар-Скопје, Пелистер-Битола, Шкендија-Тетово, клубови од Охрид, Репрезентација на Град Скопје, Академија Пандев-Струмица, а од екипите од регионов силите ги одмерија екипите на: Партизан-Белград, ЦСКА-Софија, Осиек, Војводина, Славија-Софија и Реал-Ниш.
Овој голем меѓународен младински турнир во фудбал „Скопје Куп“ 2014, во машка конкуренција за младинци од генерациите `97 и `99 и помлади, беше поддржан од Град Скопје и Фудбалската федерација на Македонија, а го организираше Здружението „Скопје куп“.Информации за натпреварите може да се најдат на www.skopjecup.mk