Вардар убедлив во баражот, се враќа во Првата лига

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб скопски Вардар се врати во прволигашката конкуренција откако во неделата попладнето во Кавадарци го совлада градскиот ривал Скопје со 3:0 (1:0) во баражот за место во Првата македонска лига (ПМФЛ).

Фудбалерите на Вардар влегоа силно мотивирани во натпреварот којшто се одигра на неутрален терен и дојдоа во водство веќе во 4 минута со голот на Дарко Размоски.

„Црвено-црните“ во продолжението на првиот дел пропуштија уште неколку добри можности за постигнување погодок, а настојувањата на Скопје да се врати од резултатската негатива дополнително ги отежна исклучувањето на Миле Тодоров во 35 минута. Фудбалерот на Скопје доби директен црвен картон, поради предизвикување опасност откако врати на трибината факел што претходно на теренот го фрлија навивачите на Вардар.

Предноста на Вардар ја удвои двојниот стрелец Размоски во 49 минута, а десет минути подоцна капитенот Дарко Глишиќ биеше прецизно за конечни 3:0 и десеткратниот македонски шампион по две сезони во второлигашката конкуренција се врати во ПМФЛ.

Претходно нови прволигаши станаа Воска и Гостивар, а во Втората лига се пресели прилепска Победа.

Шампионската титула, прва во клупската историја, ја освои Струга Трум Лум, трофејот во Купот го одбрани Македонија Ѓорче Петров, а настап во европските купови изборија и Шкупи и Шкендија.