Вардарки му одржаа лекција и на Турингер

Македонскиот ракометен шампион во женска конкуренција ЖРК Вардар СЦБТ ги прокнижа првите бодови во четвртфиналната група во Лигата на шампионите. Избраничките на тренерката Индира Кастратовиќ во првиот натпревар на домашен терен во СЦ “Борис Трајковски” славеа над германскиот шампион Турингер со 31:25 (16:13).
Вардарки му дозволија на противникот на почетокот од натпреварот да поведе со два гола разлика (4:6), но тоа беше единствено и најголемо водство на германскиот тим. “Црвено – црните” почнаа да играат многу подобро во вториот дел од првото полувреме и до крајот успеаја да се одлепат на три голови (16:13)
На стартото од вториот дел македонскиот шампион заигра многу подобро, а до 40 . минута ја направи најголемата предност од шест голови (20:14). Германките на моменти со серија од 2-3 гола успеаваа да ја намалат разликата, но во ниеден момент не успеаја посериозно да се заканат и да го свртат резултатот во своја корист.
Во победничкиот тим најефикасни беа Дмитровиќ и Радичевиќ со по 6 голови , додека Лекиќ и Хмирова натпреварот го завршија со по 4 голови. На голот на македонскиот шампион се истакна и Ина Суслина со 13 одбрани.
Следната недела ЖРК Вардар гостува кај Савехоф во Шведска.