Кошаркарот на Кливленд Кавалирс, Андерсон Варежао заработи незгодна повреда на дуелот против Минесота Тимбервулфс поради која сезоната за него е завршена.
При еден навидум наивен дуел под кошот на Минесота, Варежао лошо нагази на левата нога, по што едвај го напушти теренот. По извршените прегледи, лекарскиот тим на клубот соопшти дека се работи за кинење на ахиловата тетива, повреда поради која Бразилецот ќе биде надвор од тимот до крајот на сезоната.
Во последните три сезони Варежао поради повради пропушти вкупно 166 натпревари, а во октомври тој потпиша нов договор со Кливленд, кој трае три години и е вреден 30 милиони долари.
Веднаш по повредата на нивниот центар, раководството на Кливленд тргна во потрага по нов висок кошаркар кој ќе ја пополни празнината под кошевите, а според медиумите во САД, најсериозен кандидат е Тимофеј Мозгов, високиот Русин кој настапува за Денвер Нагетс.