Вархеји: Јас не би драматизирал многу околу прашањето со Бугарија

Откако вчера беше објавен извештајот на Eвропската комисија за напредокот на земјата на патот кон ЕУ еврокомесарот Oливер Вархеји денеска е во Скопје.

Премиерот Зоран Заев оцени дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементација на веќе донесените закони и постоечки механизми. Според Заев за економскиот инвестициски план Вархеји има најголема заслуга. 80 милиони евра од ЕУ веќе легнаа на сметка на владата за борба против Ковид-19.

Вархеји побара Македонија да продолжи со зајакнување на реформските резултати пред се на терен во борбата против корупцијата но и со имплементација на законите кои се однесуваат на судството и јавната администрација.

– Мислам дека ЕУ е многу важна за Северна македонија, но и за целиот регион. Се обидовме да ги чуеме сите идеи за тоа во кои области може најмногу да се придонесе за заздравување на економијата на брз начин. Тоа што го гледате е резултат на нашата мала анкета и она што ние го имаме е понуда за вашата земја. Треба да видиме дека се работи на борбата против корупцијата, владеењето на правото и сите закони, во судството, во јавното обвинителство. Потребно е да видиме резултати за да можеме и ние да ја презентираме вашата посветеност пред другите земји-членки на ЕУ. Сите овие проекти можат да ги намалат вашите емисии за 60 отсто и да го намалите смогот од кој луѓето се крајно разочарани. Мојата последна точка е тоа што досега не сме обраќале доволно внимание на ромската заедница, особено кога се работи за нивно вклучување на пазарот на трудот. Мислам дека постои голем потенцијал во поглед на нивниот проидонес кон економијата – рече Вархеји.

На новинарско прашање за проблемот помеѓу Македонија и Бугарија, еврокомесарот Оливер Вархеји истакна дека во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија е да најдат решение за прашањата без да се рашират недоразбирањата.

– Мислам дека ова е моментот да се постигне договор. Јас гледам спремност кај двајцата премиери и се надевам дека ќе успеат да најдат решение. Ако можеме ние да помогнеме, тогаш ќе помогнеме. Јас не би драматизирал многу околу прашањето, но сепак, тоа е сериозно прашање – посочи Вархеји.