Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји изјави вечерва во Подгорица дека Брисел предлага сите престолнини во регионот да бидат поврзани со автопати и железници, како и брз широкопојасен интернет.
„Ви донесов нов план за инвестиции за Западен Балкан, кој ја вклучува Црна Гора. Кога новата комисија го презеде мандатот, имавме три цели, првата е да ги обновиме односите со земјите од Западен Балкан и да се ангажираме со цел да се приближи до ЕУ“, рече тој пред црногорските новинари вечерва во Парламентот на Црна Гора.
Според него, целиот процес на преговори бил обновен со усвојување на нова методологија.
Овој план треба да работи на остварување на економски раст, како и на создавање нови работни места, што е важно заради кризата предизвикана од Ковид-19, додаде тој.
– Ние самите не го смисливме планот, го проучувавме регионот за да видиме со какви економски потешкотии се соочувате кога станува збор за привлекување странски инвеститори. Она што можете да го видите е план кој се состои од придонеси што ни беа доставени од сите, вклучително и од Црна Гора, објасни Вархеји.
Ова, вели тој, е регионален план што значи дека е дизајниран на регионално ниво.
– Ние нудиме пакет од девет милијарди евра грантови и 20 милијарди гаранција. Ова е една третина од БДП на целиот регион. Сметаме дека ова може да ја зајакне и стимулира целата економија во целиот регион во период од четири до пет години. Планот се однесува на она што нас не сопира за да станете привлечна област за инвестиции“, рече тој.
Тој објасни дека ЕУ предлага диверзификација на изворите на енергија и постепено елиминирање на јагленот од употреба.
„Подготвени сме да работиме заедно за да создадеме нови можности за регионот помагајќи им на владите да ги создадат потребните нови вештини. За четири до пет години, ова може да биде огромна клучна промена“, рече Вархеји.