
Варшава и Киев во вторникот објавија дека постигнале договор за транзит на житарките што ја вклучува и Литванија, првпат откако Полска го забрани ваквиот увоз кон средината на септември.
„Постигнавме договор за важно прашање“, изјави за новинарите полскиот министер за земјоделство Роберт Телус по трипартитниот состанок преку конференциска врска.
„Од утре на литванската територија, во литванското пристаниште, ќе се вршат контроли што требаше да се извршат на украинско-полската граница за жито што минува низ Литванија. Литванија ја презема целосната одговорност за овие инспекции“, рече Телус.
Телус рече и дека Полска ќе продолжи да ги отвора транзитните коридори „бидејќи тоа е добро за полските земјоделци, за Украина, за Европската унија и за целиот свет, бидејќи украинското жито мора да се испрати во регионите кои го немаат доволно“.
Ова е прв договор меѓу Полска и Украина од почетокот на дипломатската криза предизвикана од полското ембарго за увоз на украински житарки. Варшава го воведе затоа што сака да го заштити својот пазар и земјоделците од падот на цените на нивните производи.
Дозволен е сепак транзитот на украинските житарки преку Полска во трети земји. Според украинското Министерство за земјоделство, одлуката донесена во вторник „ќе овозможи забрзување на транзитот низ Полска“.