Вашингтон ѝ даде приоритет на Украина, ги одложува воените испораки на другите

Американската влада планира да ја одложи испораката на дел од воената опрема во други земји со цел да се даде приоритет на зајакнувањето на украинската противвоздушна одбрана.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби во четвртокот рече дека, со оглед на итните потреби на Киев, американската влада донела „тешка, но неопходна“ одлука да ја одложи планираната продажба на оружје на други земји, особено на ракетите за противвоздушна одбрана „Patriot“ и системите NASAMS.

„Наместо тоа, тие би требало да ѝ припаднат на Украина, на чиишто вооружени сили итно им се потребни дополнителни капацитети за воздушна одбрана“, рече Кирби.

Тие земји се известени за одлуката, рече Кирби, иако не кажа за кои земји станува збор. Секој ќе го добие она што го нарача, само малку подоцна од првично планираното, додаде.

Ваквата можнаст првпат го спомна американскиот претседател Џо Бајден на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на самитот на Г7 во Италија.