Вашингтон и Лондон лажат за експлозиите на Северен тек, уверен е Патрушев

САД и Велика Британија шират измамнички лажни информации дека наводна „проукраинска“ група ги разнесе минатата есен гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море, будејќи Украина ниту изгуби ниту доби нешто од уништувањето на цевководите со кои рускиот гас се испорачуваше во Германија и Европа, изјави во понеделникот секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев.

По едномесечно игнорирање на написот на американскиот истражувачки новинар Сејмур Херш во кое се тврди дека експлозиите на гасоводите биле планирани и изведени од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и воената морнарица на Норвешка, од почетокот на минатата седмица западните медиуми синхронизирано објавуваат написи според кои одговорноста се сведува на изолирана „проукраинска“ група која не е поврзана со владата во Киев.

Патрушев во врска со таквите тврдења го постави прашањето може ли една таква група да изведе таква смела саботажа за којашто се потребни исклучително обучени нуркачи, исклучително скапа и ретка опрема и експлозиви, како и незабележано да изведува операции во територијални води на две земји.

„Во обидот за прикривање на сторителите на тоа кривично дело, провладините англосаксонски медиуми, по налогот одгоре, го именуваа виновникот – група украински терористи“, вели Патрушев во интервјуто за весникот Аргументи и факти.

До мината седмица ниеден западен влијателен медиуми ниту западните политичари не го коментираа написот на американскиот наградуван американски новинар Сејмур Херш кој точно пред еден месец објави напис во кој прецизно наведува дати, личности, локации и опрема, и тврди дека зад експлозиите на четирите цевководи од гасоводите Северен тек 1 и 2 стои администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Херш, по деветмесечно планирање американските служби ги искористиле поморските вежби „Baltops“ на НАТО во јуни 2022-ра во Балтичкото Море да ги постават експлозивните направи кои три месеца подоцна ги активирала воената морнарица на Норвешка.

Меѓутоа, во средата западните челници започнаа со коментари од написите на американскoт весник The New York Times и на германски Zeit од вторникот дека во експлозијата наводно учествувале „проукраинска групација“ којашто наводно ја сочинувале Украинци и Руси и којашто „не е поврзана“ со украинскиот претседател Володомир Зеленски а била „против рускиот претседател Владимир Путин“. Потоа минатата среда на темата се надоврзаа и британски Times и германската телевизија Ntv со наводните исти сознанија со кои вината за терористичкиот напад врз критичната инфраструктура се префрла на неидентификувана „украинска компанија“ и индиректно врз Полска каде што наводно било седиштето и бил изнајмен бродот со кој била спроведена акцијата. Times, пак, објави дека разузнавачите на западните земји го знаат идентитетот на наводниот украински спонзор на саботажа на гасоводите.

Русија, како што наведува, сѐ уште со сигурност не знае кој стои зад нападот, бидејќи не ѝ беше ниту учество во истрагата, ниту спроведување на самостојна истрага иако неодамна повика на формирање во рамките на ОН на меѓународна независна и транспарента истрага за терористички напад врз стратешка меѓународна инфраструктура.

„Доколку весниците ревносно тврдат дека саботажата ја извршила грипа украински терористи, тогаш мора да се постави прашањето постои ли воопшто таква група и дали е способна тоа да го изведе“, вели Патрушев.

„Следното прашање е: дали експлозиите одеа во прилог на Украина или Германија? Киев ниту загуби, ниту доби нешто од уништувањето на гасоводите. Згора на тоа, на режимот на Зеленски, кој всушност стои со подадена рака кон Берлин во надеж за зголемување на воената и друга помош, извршувањето на таков терористички чин не му носи ништо“, додава Патрушев.

Истовремено, додава Патрушев, Германија сфаќа дека терористичкиот напад врз гасоводите дефинитивно ќе придонесе за пад на германската економија,

„Притоа, во Берлин многу добро знаат дека блиската економска соработка меѓу Германија и Русија никогаш не им одговараше на Вашингтон и Лондон“, потсетува секретарот на рускиот Совет за безбедност.

Според Патрушев, САД ги принудуваат германските власти „да ја следат верзијата којашто му оди во прилог на Вашингтон“. Истакнува дека смета оти современата германска држава не е независна и потсетува дека во Германија од крајот на Втората светска војна Американците одржуваат контингент кој во моментов брои 35.000 војници.