САД од почетокот на војната на Киев му испорачал воена помош од 6,9 милијарди долари, а Вашингтон во петокот извести за нова воена помош за Украина во износ од дополнителни 400 милиони американски долари, којашто ќе опфаќа дополнителни лансери на ракети и прецизни проектили што треба да ја подобри способноста на Киев да ги гаѓа складиштата за оружја и логистичките синџири на руските трупи, но се чини истовремено ги потврдува тврдењата на Москва дека досега испорачаните американски ракетни системи се уништени во руските ракетирања.
„Помошта ќе опфати дополнителни повеќекратни ракетни системи HIMARS со муниција, кој на украинските сили веќе им овозможи да гаѓаат цели како што се складишта, со ракетите кои се надвор од дострелот на руската артилерија“, рекол неименуваниот соговорник од Пентагон за агенцијата AFP.
Благодарејќи на HIMARS „Украина успеа да погоди руски цели зад фронтот и да ги наруши руските артилериски операции“, рекол истиот извор.
Украинската војска располага во моментов со вкупно 12 системи HIMARS, но нивното дејствување засега не го спречува бавното но континуирано напредување на проруските сепаратистички сили помогнати од руската војска. Претходно седмицава во средата руското министерство за одбрана објави и дека руските воздухопловни сили уништиле два американски система за повеќекратно лансирање од типот М142 HIMARS (MLRS) на граничните области во самопрголасената доминантно проруска источна покраина Доњецк.
„Во областа на населбата Малотарновка во Доњецката Народна Република, со ракети со висока прецизност од воздух уништени се два повеќекратни ракетни лансери HIMARS од американско производство и две складишта за муниција за нив“, соопшти во средата руското министерство за одбрана.
Планираната пратка од САД вклучува и 1.000 проектили од 155 милиметри за артилериско оружје коешто на Украина ѝ го испорачуваат земјите од Западот кои на тој начин и со обуката на украинските војници според сите досегашни дефиниции на војната директно се инволвираат во украинската војна против Русија.
Според соговорникот на AFO, тие гранати биле „поделотворни“, бидејќи биле попрецизни и имале поголем опсег на дејствување. Не потврдил дали станува збор за наведуваните проектили „Excalibur“ од американско производство, кои можат да прелетаат до 40 километри пред прецизно да ја погодат целта, а Украина веќе ги добиваше од Канада.
Западните воени аналитичари, без докази кои може да се проверат, проценуваат дека благодарејќи на првите HIMARS испратени во јуни, украинската војска наводно уништила десетина руски складишта за муниција зад линијата на боиштето на истокот на земјаа.
„Русите бавно напредуваат (…) и заостануваа во остварувањето на зададените цели…. Украинците успеале со помош на HIMARS значително да ја нарушат руската способност за напредување“, рекол американски функционер кој сакал да остане анонимен, но без да прецизира кои се целите на Москва во оваа операција.
Украинските војски кон крајот на јуни првпат го ракетираа местото Перевалск во отцепениот доминантно рускиот и рускојазичен источен регион Луганск со новопристигнатите американски ракетни системи за повеќекратно лансирање М142 HIMARS. Украина дод почетокот на јули добила четири системи HIMARS, според извештајот на Европскиот совет за надворешни работи. САД ветија дека на Киев ќе испорачи уште осум до средината на јули.
На 1-ви јули беше објавено дека САД ѝ испраќаат на Украина уште два ракетни система од типот „земја-воздух“ од моделот NASAMS, четири противартилериски радари и 150.000 парчиња артилериски муниција со калибар од 155 милиметри. Пакетот вклучува и дополнителна муниција за артилериските ракетни системи со долг дострел и висока мобилност HIMARS.
Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.