Пентагон во изминатиот месец во повеќе наврати барал комуникација со руските воени лидери со цел да се избегне ненамерно прелевање на конфлктот на територијата на НАТО, но повиците од руска страна останале неодговорени, пренесува денешен Вашингтон пост.
Со ова, наведува весникот, двете најголеми нуклеарни сили немаат објаснувања за армиските движења со што се стравува дека може да се случат погрешни проценки и несреќи на бојното поле во Украина.
Од почетокот на руската инвазија на земјата, министерот за одбрана Лојд Остин и раководителот на Генералштабот на воените сили на САД, Марк Мили, се обиделе да договорат телефонски повици со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, и со генералот Валериј Герасимов, но Русите „досега одбиваат да се ангажираат“ изјави синоќа портпаролот на Пентаон Џон Кирби.
Американците стравуваат дека кога Русија изведува оперативни воени дејствија во близина на границите на членките на НАТО Полска и Романија, може да се случат погрешни проценки со што случајно би се навлегло на територијата на НАТО и да се создаде „непотребна ескалација или конфузија“, па алијансата во тој случај да возврати.
-Постои голем ризик од ескалација без противпожарното осигурување што го носи директниот контакт меѓу највисоките официјални лица, изјави пензионираниот генерал Џон Ставридис, кој служеше како главен командант на НАТО од 2009 до 2013 година.
Тој смета дека САД треба да избегнат сценарио кога НАТО и Русија „започнуваат војна бидејќи воените лидери не можат да одговорат телефонски и да објаснат еден на друг што се случува“ на бојното поле.
Русија неодамна употреби суперсонични проектили и друго софистицирано оружје против цели во западниот дел на Украина, а со тоа заканата од прелевање на конфликтот во поширока конфронтација меѓу Русија и НАТО станува сѐ поголема, наведува весникот.