Сѐ уште се очекува одговорот на палестинското движење Хамас на израелскиот предлог за прекин на огнот што го претстави американскиот претседател Џо Бајден во петокот, изјави за новинарите советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
„Чекаме одговор од Хамас“ преку катарските посредници, рече Саливан, додавајќи дека директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Вилјам Барнс ќе присуствува во Доха на консултации со катарските посредници за предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа.
Катар, кој е посредник меѓу Израел и Хамас за прашањето за Појасот Газа, објави дека на Хамас му го пренел израелскиот предлог, кој во три фази го отсликува предлогот на американскиот претседател Бајден и дека документот сега е многу поблиску до позициите на двете страни.
Портпаролот на Хамас, кој управува во Газа повеќе од деценија, повтори дека не може да се согласи на каков и да е договор доколку Израел јасно не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од палестинската територија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, повтори дека нема да има траен мир доколку Хамас не биде „искоренет“, во време кога тој се соочува со длабоки политички поделби во земјата околу предлогот на САД.
Западните медиуми престанаа од пред повеќе од две седмица да ги објавуваат податоците за жртвите во изралската офанзива во Газа и сѐ уште оперираат со најмалку 36.000 убиени Палестинци, од кои најмалку третина се деца, според податоците од палестинското Министерство за здравство кои ги потврдија меѓународните организации и агенциите на ОН. Тие, исто така, предупредуваат и дека поради засилената повеќе од дведецениска израелска сеопфатна блокада на палестинските територии, тамошното население гладува и е без лекови, а поголемиот дел од енклавата Газа е срамнета со земја, а изнесени и меѓународни тужби и тврдења за геноцид, што Израел ги отфрла.
Израелската речиси осуммесечна војна во Појасот Газа селдеше, откако ланскиот 7 октомври Хамас изведе напад без преседан според организираноста, бројноста и видовите оружја и собено бруталноста и суровоста, врз воени бази, насселби и градови во јужен Израел кога беа убиени околу 1.200 луѓе, од кои 900 цивили на различни возрасти, а беа заробени 250 луѓе.