Вашингтон со апел до своите граѓани-веднаш напуштете ја Русија!

„Американските граѓани кои живеат или патуваат во Русија треба веднаш да ја напуштат (Русија), како што советува Стејт департментот“, се вели во соопштението на Белата куќа. Стејт департментот е во директен контакт со Москва во врска со притворањето на новинарот на Волстрит журнал, нагласуваат од Белата куќа и додаваат дека администрацијата на претседателот Џо Бајден контактирала со семејството на новинарот и со неговиот работодавец.
Московскиот суд денеска нареди притвор на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, велејќи дека тој ќе биде притворен најмалку до 29 мај за наводно шпионирање за САД.
„Неприфатливо е руската влада да е насочена против американските граѓани“, соопшти Белата куќа, осудувајќи го притворот „најостро што може“.
Волстрит журнал остро ги отфрли обвинувањата и повика на ослободување на својот известувач, изразувајќи загриженост за неговата благосостојба.
„Се солидаризираме со Еван и неговото семејство“, пишува американскиот весник.
Репортери без граници апсењето на новинарот го нарекоа „вознемирувачки“. „Новинарите не смеат да бидат цел“, потенцираат тие.
Гершкович, кој е роден во 1991 година, се соочува со затворска казна до 20 години доколку биде осуден.
Рускиот правен систем се смета за многу политизиран, а обвинувањата речиси секогаш водат до пресуди.
Руската тајна служба ФСБ објави дека привела американски новинар поради „шпионирање за интересите на американската влада“.