Вашингтон во неизвесност – 15 денови се без спикер на Претставничкиот дом

Американските пратеници синоќа по вторпат ја отфрлија кандидатурата на тврдокорниот конзервативец Џим Џордан за претседател на Претставничкиот дом, со што лидерскиот вакуум го парализира Вашингтон 15-ти ден без јасна резолуција на повидок.

Долниот дом на Конгресот е во хаос откако републиканскиот спикер Кевин Мекарти беше соборен од екстремната десница на неговата партија на 3 октомври.

Џордан, соработник на  поранешниот претседател Доналд Трамп, можеше да си дозволи само да изгуби четири републикански гласови, но 22 негови колеги ја отфрлија неговата кандидатура на второто гласање – два повеќе отколку што беа против него еден ден претходно.

Конфликтот Израел-Хамас, обновениот притисок за помош за Украина и заканата од нефункционалност на владата драматично ги зголемија влоговите, при што републиканците се надеваат дека итната потреба од Конгресот да одговори, ќе ја обедини скршената партија, јавија американски медиуми.

„Секој ден што минува без претседател на Претставничкиот дом е ризик за националната безбедност“, рече поддржувачот на Џордан и републиканец од Калифорнија, Дејвид Валадао.

„Гласав за кандидатот на Републиканската конференција за спикер затоа што мора да се вратиме на работа и не можеме да го направиме тоа додека немаме спикер“.

Но, Џордан не покажа знаци на откажување, бидејќи неговиот портпарол Расел Дај им вети на новинарите дека конгресменот „ќе продолжи“, а следниот круг се очекува денеска.