Асен Василев, кандидатот за премиер од Продолжуваме со промената (ПП) на досегашниот бугарски премиер Кирил Петков му го вратил неисполнетиот мандат за формирање влада на бугарскиот претседател Румен Радев, пренесе во петокот попладнето агенцијата БГНЕС по средбата на Кирил Петков, Андреј Ѓуров, Никола Минчев и Асен Василев со Радев.
Василев, кој беше номиниран откако некои парламентарни партии најавија дека нема да поддржат кабинет повторно предводен од Петков, изјавил дека ПП не собрала доволно собраниска поддршка истакнувајќи „Значи го враќаме мандатот неисполнет“.
„Повлечениот кредит на доверба кон кабинетот не може и не треба да ги исцрпи јавните напори за изградба на влада која е транспарентна и одговорна пред граѓаните. Верувам дека мисијата да се промени нашата држава е историска и колку и да е тешка, Бугарите ќе ја остварат“, истакнал Радев.
„Длабоко верувам дека институциите можат да постигнат резултати, а остварениот национален интерес е на прво место. Очекувам владата да ги развие и подготви за доставување до Народното собрание законите поврзани со Планот за закрепнување и одржливост, за Бугарија да не продолжи да губи време и пари“, додал бугарскиот претседател.
Рекол дека следната седмица ќе соопшти кога ќе го додели мандатот на втората според бројот на мандатите во парламентот партија.