Денеска е 10 јуни, ден кога традиционално завршува учебната година. Оваа година Мила Царовска од позиција на министерка, кон образованието и кон учениците се однесуваше како кон експериментални глувци, при што влијаеше врз сериозното уназадување на една цела генерација на ученици. Немаше дел од образованието кој не страдаше од импровизациите на Царовска, обвини Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од нејзината прес-конференција
Училишната година доцнеше цел месец заради неспособноста на Царовска. Немаше протоколи за организирање на наставата, и се стави под знак на прашалник и физичкото присуство.
Лошиот модел на електронско следење на наставата, без притоа владата да обезбеди соодветни електронски уреди за следење на наставата за децата од социјално загрозените категории остави 15.000 ученици надвор од системот. Практично 15% од учениците не беа во можност да ја следат наставата онлајн.
Владата трошеше пари за разни тендери и бркаше провизии за вакцини, а не смогна сили да набави 15.000 уреди за учениците од социјално загрозените слоеви, за да не го почувствуваат товарот на сиромаштијата и да им овозможи достоинствено да ја следат настават.
Со тоа, оваа учебна година, Царовска протна дискриминација на мала врата.
Царовска со глава во ѕид, не сакаше да го отстрани полагањето на матурата, а потоа не сакаше ниту да го исполни ветувањето, да го намали бројот на предмети за полагање на матурата. Иако учениците и родителите го кренаа гласот, Царовска дрско ги игнорираше.
Врв на ароганцијата и сервилноста на Царовска е укинувањето на учебниците и дигитализација по секоја цена. Царовска со овој можеби лукративен потег, креираше невидена дискриминација. Дополнително се отвора можност за фризирање на содржините во учебниците по историја, географија и македонски јазик, како и кога сака СДСМ. Затоа што дигитализацијата која што ја најавуваат, не се дигитални интерактивни учебници, туку обични ПДФ содржини, односно скенирани учебници.
Дигитализацијата на Царовска не е ништо друго, туку само можност за некоја фирма блиска до власта да земе можеби тендер од над 120 милиони евра.
Наводната дигитализација е чист профит за поединци од власта и затоа неуморно се турка и покрај сите противења на учениците и родителите, но и експертската јавност.
Царовска е најголемата неприродна катастрофа која му се има случено на образованието, а грешките кои ги направи се долгорочни и далекусежни.