Македонија е мајка и крстосница низ која што поминувале различни народи, различни освојувачи, добронамерници, многу од нив оставиле своја трага, многу од нив земале од тука и однеле на друго место. Но сепак, Македонија останува вечна, непроменета, исконска, силна, позитивна и непресушен извор на една голема, би рекла универзална севселенска енергија која што е задржана и целосно преточена во генетскиот код на најубавиот писар на Македонија, тоа е Охрид, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска од денешната трибина во Охрид во рамките на акцијата „Ова е Македонија за сите“, на тема „Политики за силна култура и развиен туризам“.
Посочи дека со огромен пиетет, со нескриена радост и лјубов денеска ја имам честа да говорам за некој кој што многу повеќе од секој еден од нас, некој кој што ги надминува границите на времето и на просторот и некој кој што ќе остане уште многу милениуми по нас да биде симбол на духовната сила, на верата во Христа и на духовната нитка на македонското потекло, на македонското тло кој извира од ликот на свети Климент Охридски.
„И ако го отворите неговото свето житие, ќе видите дека свети Климент, не знаеме ни кој му биле родители, ни тоа од каде потекнува, но затоа знаеме дека најголем духовен учител и духовен татко му бил свети Методиј заедно со неговиот брат Свети Кирил. Да бидете роден во време и да бидете посинет од овие рамноапостоли е чест на ниво на раѓањето на Господ Исус Христос. И за секој еден православен христијанин, но и за секој еден љубител на историјата на религијата, морам да ви кажам, дека овој чин не може да го гледаме еднострано или било како да го оставиме настрана, бидејќи делото на Свети Кирил и Методиј и она што тие ќе го остават во наследство на своите верни ученици, Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски се безвременски, неограничени, универзални и ќе важат и ќе траат во сите времиња“, рече Василевска.
Потсети дека свети Климент Охридски е сведок на моментот на светото вдахновение на Свети Кирил, кога тој ја создава глаголицата која што се формира на трите свети симболи на христијанската православна црква, кои се крстот, тријаголникот и кругот.
„На тој начин настанува глаголицата и во времето кога најмногу хеленските свештеници и хеленското влијание во Византиската империја имаат силен одраз и практично ги бришат јазичните и културните идентитети, впивајќи ги сите во својот голем империјалистички композит. Браќата Свети Кирил и Методиј заедно со своите ученици ќе направат една светска цивилизациска мисија, која е пред се македонска, а потоа и сесловенска. И не случајно Свети Климент е патронот на Македонската православна црква и не е случајно тоа што во 886 година од новата ера, токму тука во Охрид е создадена Охридската книжевна школа низ која поминаа 3500 или 3600 ученици“, истакна Василевска.