САД соопштија во вторникот, откако долгогодишниот претседател на Зимбабве, Роберт Мугабе поднесе оставка, дека станува збор за „историски момент“ за оваа земја, а Велика Британија оцени дека сега се укажува можност за обновување на африканската држава.
„Денеска е историски момент за Зимбабве. Им честитаме на граѓаните на Зимбабве кои ги подигнаа гласот и и мирно и јасно рекоа дека е крајно време за промени. Зимбабве има шанса да тргне по нов пат. Низ тој процес САД бараат цврсто почитување на правната држава и воспоставување на демократските практики“, се наведува во соопштението на американската амбасада во Хараре.
Се додава дека САД истакнуваат оти патот по кој сега Зимбабве би требало да оди се слободните, чесни и инклузивни избори.
Британската премиерка Тереза Меј изјави дека оставката претставува можност за „нов пат, слободен од тиранијата која го карактеризираше неговото (на Мугабе) владеење“.
„Последните денови бевме сведоци на желбата на народот на Зимбабве за слободни и чесни избори и нивната желба да добијат можност повторно да ја изградат економијата на земјата, под легитимна влада“, се вели во писмената изјава на Меј.
Како најстар пријател на Зимбабве, како што во изјавата Меј ја нарекува Велика Британија, „ќе сториме сѐ тоа да го поддржиме“.