„Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“!!! Овие трогателни зборови, додека и’ гледал на смртта во очи, ги изговорил еден од 12-те стрелани младинци од Ваташа, во виорот на НОБ. Моментот што точно по 77 години од овој фашистички злостор, некој се обидува да ја осквернави нивната саможртва, дадена за слободата на својата Македонија, објави Алфа ТВ.
Актуелните политички обиди да се искриви историјата, и премногу ги вознемирува и револтира жителите на Ваташа. Тие немаат никакви дилеми за тоа кои биле оние што од тогашната селска меана, каде дванаесетте младинци ги воделе своите младешки разговори, ги собрал и ги однел директно на стрелање. Велат, тоа не се заборава.
„Дилема, нема. Се знае кои се. Бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна, по окупирањето на Македонија. Администратори не биле, нема ни да бидат. Може да ја извртуваат историјата, ама се ќе си дојде на своето место.“, вели еден граѓанин.
„Бугарите се фашисти. Нема од што тие да се бранат. Тоа било порано и треба да си го признаат. А нашите, доста виткање кичма. Доста веќе…Достааа…“, објаснува една кавадарчанка.
„Јас таму чичко имам загинато. И како ги отепале, од дома ги земале, ги однесле во кафаната. Таму ги мачеле што ги мачеле, па горе ги однесле. И после еден по еден..пукале во нив…Ми е тешко, како не ми е тешко…“, посочи внука на еден од стреланите.
„Дедо ми ми кажуваше кога оделе 17 аргати, 12 истепале и му рекле, затани малку, а му рекле да ги сликаат децата. Од друга страна, какво сликање..Ги тепат..Тие што не умреле, после се отепани на реката. Со нож се избодени“, видно вознемирен раскажува еден повозрасен жител на Ваташа.
И додека за овој грозоморен чин како нем сведок во селото се уште сведочи кафеаната „12 другари“ на која си постои и спомен-плочата за тоа кој го извршил крававиот маскар, а на Кејот од селската река, со големи црвени букви е испишано дека „Крвопис е и Ваташа“, на Споменикот во месноста „Моклиште“, освен датумот на стрелањето и имињата на стреланите, стои запишано и – „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро вo иднината“. Но, нема никакво друг пишан податок за тоа кои биле извршителите.
Инаку, Спомен-паркот се простира на површина од 7 хектари и во него се посадени 12 јавори како симболи за стреланите младинци. Низ годините, Споменикот на неколку пати бил сквернавен, па така денес, на местото каде што некогаш постоел бакарен рељеф, има само железни чингели.