Ватикан објави за нагло влошување на здравјето на пензионираниот папа Бенедикт

Здравјето на папата емеритус Бенедикт Шеснаесетти се влошило последните неколку часови, соопшти портпаролот на Ватикан.

Агенцијата Reuters известува дека од Ватикан рекле дека здравствената состојба на папата кој се повлече од должноста Бенедикт Шеснаесетти е „под контрола“, како и дека прима константна лекарска грижа.

Ватикан објави и дека поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, го посетил во средата утрото својот претходник веднаш по општата аудиенција.

Папата Франциск објави претходно во средата дека пензионираниот папа Бенедикт Шеснаесетти е „тешко болен“ и повика на молитва за 95-годишниот негов претходник чиешто повлекување од папската служба во 2013 година со образложение од здравствени причини го изненади светот.

„Сакам да ве замолам за посебна молитва за папата емеритус Бенедикт. Да го сочуваме споменот на него, бидејќи е тешко болен, да го замолиме Господ да го утеши и поддржи во тоа сведочење на љубовта кон Црквата до самиот крај“, рече папата Франциск во текот на општата аудиенција.

Папата емеритус Бенедикт Шеснаесетти, роден како Јозеф Рајцингер, се повлече пред девет години поради нарушено здравје и се повлече во манастир во Ватиканските градини.

Со овој гест, без преседан во последните 700 години, првиот германски папа во модерната историја на Светата столица го отвори патот за избор на своите наследници чијашто сила сѐ повеќе слабее. Сегашниот папа, 85-годишниот Франциск кој пати од болки во колената, и самиот таквата можност ја остави „отворена“.

Пензионираниот папа е роден во германската сојузна покраина Баварија. Со месеци се зборува дека Бенедикт Шеснаесетти е физички слаб и дека одвај зборува.