Папата Франциск не повикува Украина да се предаде, туку на прекин на огнот и храброст во преговорите, изјави во неделата директорот на Канцеларијата за печат на Ватикан, Матео Бруни.
„Папата го користи терминот бело знаме и одговара на впечатокот кој го сугерирал водителот на интервјуерот, за да укаже на прекин на непријателствата и примирје постигнато преку храброста во преговорите“, рече Бруни за интервјуто на папата Франциск за швајцарската телевизија RTS, кое ќе биде емитувана подоцна во март, а дел од него беше објавен во саботата.
„Во другите делови од интервјуто, зборувајќи за друга конфликтна ситуација, но мислејќи на каква секоја воена ситуација, Папата јасно рече: ‘Преговорите никогаш не се предавство“, додаде тој.
„Надежите на Папата се и остануваат она што тој постојано го повторува овие години, а неодамна се осврна на тоа по повод втората годишнина од конфликтот: ‘Додека ја обновувам мојата многу длабока наклонетост кон маченичкиот украински народ и се молам за сите, особено за многуте невини жртви, барам да се најде малку хуманост што ќе овозможи создавање услови за дипломатско решение во потрагата по праведен и траен мир’“, заклучи Бруни.
Во интервјуто снимено минатиот месец, папата Франциск кажа што мисли за оние кои велат дека Украина треба да се откаже бидејќи не успеала да ги одбие руските сили и другите кои веруваат дека тоа ќе ѝ даде легитимитет на посилната страна. Новинарот во своето прашање го употреби терминот „бело знаме“.
„Тоа е едно толкување, тоа е вистината. Зборот преговарање е храбар збор. Кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате“, истакнува Франциск според деловите од интервјуто што треба да се емитува на 20. март.
Ова е првпат Франциск да употреби термини како „бело знаме“ или „поразен“ во дискусија за војната во Украина, иако претходно зборуваше за потребата од преговори. Минатата година 87-годишниот Папа испрати мировен пратеник, италијанскиот кардинал Матео Зупи, на разговори во Киев, Москва и Вашингтон.
„Некој може да се чувствува посрамен“, рече Францис за преговорите, „но со колку мртви ќе заврши војната? Треба навреме да преговараме, да најдеме земја која ќе дејствува како посредник“, додаде папата споменувајќи ја Турција меѓу земјите кои понудија посредничка улога.
„Не срамете се од преговорите пред работите да се влошат“, додаде Франциск, кој испрати стотици апели за, како што вели, „маченичка Украина“. На прашањето дали тој самиот ќе биде подготвен да посредува, папата одговори: „Тука сум“.