Силното невреме со дожд и ветер, што вчера попладне го зафати и охридското и преспанското крајбрежје, корнеше гранки и дрвја и речиси уништи шатори и приколки во автокамповите во Ливадиште, Љубаништа и Свети Наум, како и во преспанското крајбрежје. За среќа нема повредени.
Од Центарот за управување со кризи, ЦУК, информираат дека од силното невремето уништен е и автокампот Крани.
„Невреме со силен дожд и ветер го зафати селото Крани и автокампот, како и Претор и Наколец. Од невремето има паднати дрвја, бандери и во прекин е електричната енергија. Во автокампот има паднати дрвја врз камп приколки и истите се оштетени. Луѓето кои престојувале во нив се згрижени кај соседите. Нема повредени. Од невремето зафатени се и селата Долно Дупени, Сливница и Љубојно. Во село Љубојно има паднати дрвја од кои има оштетена куќа и автомобил, а во село Наколец паднато дрво го препречило локалниот пат кон ова село“, информираат од Центарот за управување со кризи“, соопштија од ЦУК.