Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање, потврди дека вчера биле приведени двајца осомничени за кои што се претпоставувало дека се поврзани со настанот во Арачиново.
-За жал, од одредени политички функционери во рамки на оваа држава се демантираат работи кои што никогаш не биле кажани ниту од мене, ниту од страна на мојот тим, ни од страна на Кабинетот на министерот за внатрешни работи. Вчера беше посочено дека одредени осомничени лица се приведени во врска со предметниот настан. Многу е важно при соопштување на одредени информации во јавноста да се користат точни и прецизни поими, посочи Тошковски.
Тој додаде дека во рамките на оперативните дејствија кои што се преземаат од службите во МВР, било утврдено дека едно од предметните лица кои што се приведени е барано со потерница. Тоа, како што потсети Тошковски, било соопштено во текот на вчерашниот ден и истото лице ќе биде процесуирано согласно закон.
-Не би сакал да говорам во детали кои би можеле да загрозат каква било истрага и многу внимавам кои поими и кои термини ги користам и ги замолувам сите надлежни во рамки на институциите што даваат информации во јавноста, да го сторат истото. Апелирам да се постапува согласно упатствата на Јавното обвинителство, односно да се внимава што се зборува во јавноста, се со цел да не се наштети на истрагата, рече Тошковски.
Претходно, ОЈО Скопје, во врска со пукањето кон градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими, во кое се повредени две лица што биле заедно со гроначалникот, информираше дека дежурен јавен обвинител од ОЈО извршил увид на лице место и издал наредби за прибирање траги и вршење соодветни вештачења.