Нема никаква економска оправданост и политичка причина за изборот на дури толкав број потпретседатели на македонскиот парламент, реагира во вторникот поранешниот претседател на законодавниот дом во неколку мандати Трајко Вељаноски, по најавата дека на денешната седница ќе се избираат дури петмина заменици на собранискиот спикер.
Претседателот на Собраниетом, Талат Џафери, предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели, а во образложението на предлогот, тој повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.
Но според оцената на Вељаноски, ваквата иницијатива е неоправдана. „Демократијата е скапа играчка, но изгледа само во Македонија важи правилото, што поскапо тоа е поголема демократија“, забележува поранешниот потпретседател на Собранието.
Притоа со податоци прави споредба како ова прашање било регулирано за време на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, но и нуди споредби со другуте земји.
Во време на претходната власт:
2006-2008 година – 3 потпретседатели
2008-2011 година – 3 потпретседатели
2011-2014 година – 3 потпретседатели
2014-2016 година – 3 потпретседатели
За време на сегашнава власт:
2016-2020 година – 5 потпретседатели
2020-2024 година – 5 потпретседатели
Примери во други држави:
– САД – 435 пратеници – 1 потпретседател
– Велика Британија – 650 пратеници – 3 потпретседатели
– Словенија – 90 пратеници – 3 потпретседатели
– Италија – 630 пратеници – 4 потпретседатели
– Германија – 709 пратеници – 5 потпретседатели