Десет милиони американски избирачи веќе гласале на претседателските избори кои ќе се одржат на 3-ти ноември, значително надминувајќи ја бројката од предвременото изјаснување на изборите во 2016 година, што сугерира голема излезност, покажуваат податоците на U.S. Elections Project.
Растот на бројот на предвремените гласови е последица на поголемиот број гласови испратени по дописен пат, особено како што се претпоставува меѓу гласачите на Демократската партија. Имено, Републиканската партија и претседателот Доналд Трамп го критикуваа гласањето преку пошта, како поради можноста за манипулирање со гласовите, така и затоа што поради процедурите конечниот исход може да биде познат многу подоцна од денот на изборите, отколку што е вообичаено.
До понеделникот утрото по американски време, предвреме гласале речиси 10,4 милиони Американци, покажуваат податоците на интернет страницата на U.S. Elections Project, која ја води политикологот Мајкл Мекдоналд од Универзитетот Флорида.
Токму во оваа сојузна држава, една од клучните за конечниот победник на претседателските избори во САД, гласале најмногу луѓе, па следат Вирџинија и Мичиген, каде од секоја од нив гласови преку пошта испратиле по речиси милиони избирачи.
Во истиот период пред изборите во 2016 година своите гласови порано ги испратиле само 1,4 милиони Американци. Мекдоналд предвидува дека во 2020-та на изборите би можело да излезат повеќе од 150 милиони Американци, што би била најголемата излезност уште од 1908 година.