Вечерва централното претседателство на Алтернатива заседава по што ќе се знае кои ќе бидат тројцата министри од оваа партија. Кандидат за министер за здравство од оваа партија е Беким Сали. Алтернатива ќе раководи и со министерествата за информатичко општество и без ресор за дијаспора.
Од Алтернатива се очекуваат и имињата за замениците за министерствата за образование, земјоделие и образование и за уште 47 директорски места, како на пример за МЕПСО, Железници, Фонд за пензиско осигуривање…
Како што е познато, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, предложи лидерот на Алтернатива Африм Гаши да биде мандатар на идна техничка Влада. Алтернатива го одби предлогот со образложение дека во тек е друг процес, однсоно дека остануваат на договореното со Заев.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска изјави дека на власта единствено важно им е местењето на тендерите, а не кој ќе биде премиер, бидејќи со тоа што го одбиле предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за премиер Албанец до новите предвремени парламентарни избори да биде Африм Гаши, покажале дека важно им е само фотелјата за да можат да продолжат да го пљачкаат народот.
„Се покажа и докажа дека не само што ВМРО-ДПМНЕ има коалициски капацитет за овие избори, туку и дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што гледа напред во иднината. Но, кога ВМРО-ДПМНЕ вчера предложи премиер Албанец до предвремени парламентарни избори, а тоа е Африм Гаши веднаш скокнаа и СДСМ, и ДУИ, односно власта и со тоа уште еднаш покажаа дека ним не им е важно како ќе развива државата, туку важно им е само да го задржат столчето, односно да ја добијат функцијата како некој си триумф за да можат да продолжат понатаму со целиот оној криминал што го прават. Напротив од сето ова, ВМРО-ДПМНЕ со новиот договор, со новата доктрина и новата политика согласно новото време, промовира нешто сосема поразлично, а тоа е издигнување на Република Македонија кое би почнало веднаш по новите предвремени парламентарни избори“, рече Арсовски.
Во вторник се очекува изборот на новите кандидати за министерските места во новата влада која се очекува да ја раководи Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ.