Вечерва големо финале на „Танц со ѕвездите 2“

Вечерва со почеток во 22 часот во студиото 1 на Македонската Радио Телевизија ќе се одржи големотo финале на втората сезона на најпопуларното домашно телевизиско шоу „Танц со ѕвездите“. Шоуто кое што изминатите три месеци ги забавуваше гледачите пред малите екрани вечерва ќе ја добие својата најдобра танцова двојка во втората сезона на ова популарно натпреварување.

Продукцијата  најавува  спектакуларно финале со  музички ѕвезди  од Македонија и регионот кои покрај натпреаварувачкиот дел ќе придонесат  публиката пред малите екрани да го доживее целиот гламур на овој танцувачко натпреварувачки формат на шоу кое со години е на врвот на гледаноста во светот, а според досегашните рејтинзи и во Македонија остварува одличен рејтинг.

Натпреварувачкиот дел ќе го отворат Сара Мејс и Мишо Спасовски со танго, а веднаш потоа ќе погледнеме интересна верзија на  „јуниор танго“ во изведба на дечињата Ања и Блажо. По нив на сцената ќе настапи втората финална танцова двојка  Наташа Илиевска и Даниел Кимовски кои истотака ќе се преставаат со танго.  Нивниот јуниор танго танц ќе го видиме во изведба на дечињата Марија и Тодор.

Додека натпреварувачите ќе се подготвуваат за вторите изведби, на сцената ќе настапи  атрактивната регионална ѕвезда Јелена Розга која ќе го изведе својот голем хит „Циркус“.

Веднаш потоа со  вториот финален танц „Џаив“ ќе се претстават Наташа Илиевска и Даниел Кимовски, а по нив истиот танц ќе го изведат и  Сара Мејс и Мишо Спасовски. Помеѓу двете танцови двојки, гледачите ќе можат да уживаат во музиката на популарниот бенд  „Нокаут“.

Македонската претставничка на Евровизија во Данска, Тијана Дапчевиќ , која гостуваше во специјалната новогодишна емисија на „Танц со ѕвездите“,  на финалната вечер ќе ја изведе англиската верзија на евровизиската песна „To The Sky“.

Победникот во минатата сезона на „Танц со ѕвездите“ , кајакарот Атанас Николовски заедно со професионалната танчарка Јована Василева и водителот Димитар Атанасовски ќе изведат трио перформанс. Атанас, Јована и Димитар  ќе ја надополнат богатата програма на големото финалето на втората сезона на „Танц со ѕвездите 2“ во организација на МРТ и продукцијата „Дрим Фактори“.

Натпреварувачите  со слободен „Free Style“ танц кој самите  го одбрале ќе се претстават по последен трет пат.

Гласањето ќе се одвива преку смс, а од еден број ќе може да се гласа само еднаш. Додека се пребројуваат смс гласовите, Јелена Розга премиерно во македонскиот етер ќе ја изведе својата најнова песна „Oкус ментола“.

По 5 месец активно тренирање и танцување, и три месеци натпреварување, најпопуларното домашно шоу „Танц со ѕвездите 2“ ќе го доживее своето финале вечерва кога околу полноќ водителската двојка Марјана и Тони ќе ги прогласат победниците. Победничката двојка ќе добие  на подарок вредно патување од МРТ и продукцијата „Дрим Фактори“.