Вечерва ќе се одржи шестата вечер на женски права

Во рамки на манифестацијата „Вечери на женски права“ вечерва во градското кино Милениум и Културно информативниот центар ќе се одржи изложба, ќе биде прикажана проекција на документарен филм и ќе се одржат тематски дебати.

Во Културно информативниот центар во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Нераскажаните приказни на суперхероините 2”, каде што ќе бидат изложени 20 уметнички дела, на 20 уметнички по повод 20 години од усвојувањето на Пекингшката декларација и Платформа за акција (Пекинг +20).

Централниот настан ќе се одржи во градското кино Милениум, каде што во 20 часот ќе биде прикажана проекција од документарниот филм „Кисмет”, кој е во режија на  Нина Мариа Паскалиду. Во овој документарен филм ќе биде прикажан феноменот на турските сапунски опери кои ги гледаат милиони гледачи во целиот свет, како и како овие серии им помагаат на жените во одредени региони да ги надминат табуата, да ги бараат своите права и да ги трансформираат сопствените животи.

По проекцијата на документарниот филм „Кисмет”, ќе се одржи тематска дискусија на тема „Како турските серии ја менуваат Македонија”.

Активностите од шестото издание на манифестацијата „Вечери на женски права” продолжуваат и утре – во Кинотека на Македонија во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Маската во која живееш” (The Mask You Live In).