Вечерва Ковачевски со коалициските партнери ќе разговара за влез на Алијанса во Владата

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во 20 часот во Клубот на пратеници ќе одржи средба со лидерите на коалициски партнери на СДСМ, потврдија за МИА дел од коалициските партии.

Ковачевски денеска во изјава за новинарите рече дека разговарал и оти и денеска ќе разговара со добар дел од коалициските партнери, за за функционирањето на темите што се значајни за работењето на Владата, а од интерес за граѓаните.

– Имам разговарано и со партијата Алтернатива, односно со нејзиниот претседател, бидејќи имаме редовни состаноци, меѓутоа немаме разговарано за детали за влегување на нов партнер во Владата. Тоа ви го потврди и претседателот на Алијанса, дека ние сме политички партии, вклучително и Алијанса за Албанците, што сме за продолжување на европскиот пат на државата, меѓутоа дека во однос на конкретни разговори за програмски и кадровски детали немаме разговарано, рече Ковачевски.

Тој истакна дека доколку се влезе во такви разговори, тогаш, нормално дека ќе бидат консултирани и ќе биде разговарано и со постојните коалициски партнери во Владата, исто како што беше разговарано кога влегуваше партијата Алтернатива.

Централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава ќе формира комисија која треба да преговара за евентуален влез во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание викендов го овласти раководството да ја донесе конечната одлука.

Во саботата вечер, по завршувањето на Централното собрание на Алијанса за Албанците, претседателот на партијата Арбен Таравари, рече дека имале плодна дискусија на оваа тема, како и дека централното претседателство на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука. Претходно, пред одржувањето на Централното собрание, тој во изјава за една национална телевизија рече дека поканата за влез во Владата ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.