Кошаркарите на МЗТ Скопје на својот паркет во Спортскиот цента „Јане Сандански“ во четвртокот вечерта го совлада вечниот градски ривал Работнички со 80:76 во претпоследното деветто коло од Супер лигата.
Работнички подобро го започна натпреварот, но МЗТ брзо се врати во игра и првата четвртина ја заврши во своја полза 24:22. „Штрковите“ во втората четвртина ја преземаа иницијатива, но Работнички не дозволи резултатско одлепување и на паузата домашните заминаа со само четири поени предност 47:43.
И во третата четвртина МЗТ го диктираше резултатот, но потоа и двата тима направија низа грешки во нападот. Работнички израмни на 54:54, но домаќините успеаја да ја зачуваат предноста од 60:57. Последната четвртина беше најнеизвесна, бидејќи прво во водство мина Работнички, но потоа МЗТ направи серија со коајшто го презеде водството и на крајот славеше со 80:76 и дојде до првата првенствена победа сезонава над големиот ривал од Градски Парк.
Џордон Крафорд со 16 поени беше најефикасен кај МЗТ, додека кај Работнички убедливо најпрецизен беше Чавдар Костов со 27 поени.
Работнички останува лидер на табелата со само два порази, а МЗТ обезбеди предност од една победа пред Блокотехна во пресрет на последното коло, во кое и да загубат остануваат втори.