Вегетаријанците и веганите имаат поголем ризик од мозочен удар

Вегетаријанскиот и веганскиот начин на исхрана го намалуваат ризикот од срцеви болести, но носат поголем ризик од мозочен удар, покажува големата студија чиишто резултати во четвртокот ги објави BBC.

Резултатите од истражувањето се објавени во стручното списание British Medical Journal и со него се опфатени 48.000 лица чиишто навики на исхрана и здравје биле следени во текот на 18 години. Студијата ги анализирала податоците од EPIC-Oxford истражувањето, долгогодишен научен проект кој се занимавал со прехранбените навики и здравјето. Во предвид биле земени и здравствените анамнези на испитаниците, пушењето и телесната тежина.

Вегетаријанците и веганите имале десет случаи помалку на коронарни срцеви болести на 1.000 луѓе кои консумирале месо, но и три случаи повеќе на мозочен удар. Половината од испитаниците јаделе месо, малку повеќе од 16.000 биле вегетаријанци или вегани, а 7.500 биле пескатаријанци, односно лица кои консумираат риба.

Кај пескатаријанците е забелажан 13 отсто понизок ризик од коронарна срцева болест во однос на оние кои јаделе месо, додека вегетаријанците и веганите имале 22 отсто понизок ризик. Но вегетаријанците и веганите имале 20 отсто повисок ризик од мозочен удар.

Научниците сугерираат дека тоа би можело да биде поврзано со ниското ниво на витаминот Б12, но исто така истакнуваат дека за утврдувањето на евентуалната таква поврзаност неопходни се натамошни истражувања.

Запрашан дали оваа студија докажува дека вегетаријанската и веганската исхрана се нездрави, др Френки Филипс, од британското здружение за дијетичарим, вели дека смета дека тоа не е случај, бидејќи станува збор за ткн опсервациска студија а не за причинско-последично истражување, но притоа ја истакнува важноста од различноста на исхраната.

„Пораката за сите е дека е разумно да се има добро испланирана исхрана, и да се јаде различна храна“, вели Филипс.