„Веибо Груп“ сакал во Македонија да увезе работници од странство

„Веибо Груп”: Во Македонија инвестиравме 10 милиони евра, имаме дефицит од компетентен персонал
„Веибо Груп”: Во Македонија инвестиравме 10 милиони евра, имаме дефицит од компетентен персонал

Компанијата „Веибо Груп“, која делумно ја реализираше својата инвестиција во Македонија, и засега има вработено 400 македонски работници со тенденција бројката на вработени во нивната фабрика во Крива Паланка да стигне до 1.000, вчера реагираше на обвинувањата на опозицијата дека наводно ќе го затворела својот производствен капацитет во земјава.

Во еден дел од својата реакција до јавноста, „Веибо Груп“ наведе:

Во 2014 година „Веибо Груп“ најави план за изградба на најголемиот интегриран текстилен центар во Европа, во зоната во Ранковце, но во моментов овој проект е во мирување. Токму неможноста за наоѓање на соодветна работна сила за реализација на големите производни таргети за потребите на постоечката фабрика во Крива Паланка за задоволување на своите интернационални клиенти е главната причина зошто инвестицијата во Ранковце е заега во застој.

Според информации до којде Нетпрес, логичното инсистирање на македонската влада во Ранковце да се вработат работници од Република Македонија, наспроти идејата на „Веибо Груп“ тоа да се работници од странство, придонело за застој во соработката на овој проект.

Нашите извори од стопанските комори велат дека „Веибо Груп“ побарало од македонските власти дозвола, за почеток да изгради околу 1.000 куќи и да донесе работници со се’ семејства од странство, за да го реализираат проектот. Нашите информации велат дека тие процениле оти би нашле соодветна работна сила во Турција, во Египет, па веројатно и во Бугарија, а можеби и во други земји. Нивните претпоставки биле дека увезените работници би се согласиле да земат долгорочен поволен кредит, на минимум 20 години отплата, би ги купиле куќите и трајно би се населиле со своите семејства во Ранковце, вели нашиот извор.

Но, македонската влада не се согласила со овој предлог на странскиот инвеститор бидејќи верува дека има повеќе од доволно слободни работници, токму од профил какви што „Веибо Груп“ има потреба, и тоа низ цела Македонија вклучително и во североисточниот регион.

Македонската влада во договарањата со „Веибо Груп“, настапила во интерес на домашната работна сила, велат добро упатени бизнис извори.

Во Македонија има доволно слободни квалификувани работници токму од профилот какви „Веибо Груп“ има потреба, па затоа нема никаква нужда од увезување на работници од странство, додава нашиот извор.

Ова е главната причина зошто целосно не била реализирана инвестицијата на „Веибо Груп“, односно за застојот во Ранковце, туку има само делумна реализација во Крива Паланка, каде од 250 била достигната бројката од 600 вработени. Доколку инвеститорот најде слободни работници би стигнале до бројката од 1.000 вработени за неколку месеци, бидејќи „Веибо Груп“ има големи нарачки од компаниите со кои соработува.

Како што и самата компанија наведе во своето вчерашно соопштение, „во моментов „Веибо Гармент” исполнува голема производна нарачка за интернационалниот гигант„Зара“ и има потреба од дополнителен квалификуван кадар за да ги исполни планираните норми“.

Всушност и примарна цел на привлекувањето на странски инвеститори е вработување на македонските граѓани и намалување на стапката на невработеност во земјава, која од 38% се намали на околу 26%.