Велемајсторот Карпов не може да добие виза за САД

Познатиот руски шаховски велемајстор и 12. светски шампион Анатолиј Карпов со месеци чека американска виза и не е познато дали ќе ја добие, објавија американските медиуми.

Целта на неговата посета на САД е обука на ученици во шаховски летен камп. Карпов бил поканет од својот дамнешен пријател Максим Длуги, сопственик на шаховска академија во Њујорк. Велемајсторот ја прифатил поканата и поднел документи за виза уште во март годинава, но дозвола за влез во САД се уште чека.

Иако Карпов претходно добивал визи за патување во САД без многу чекање, сега најверојатно е од политички причини.

– Карпов беше повикан на разговор во Амбасадата на САД во Москва каде го прашале „дали има намера да се среќава со американски конгресмени и сенатори? Ние тоа треба да го провериме, изјави Длуги.
Карпов инаку е член на руската Државна дума, избран за депутат од владејачката партија Обединета Русија, и се јавува како потпретседател на Комисијата за надворешни работи.