– Она што го најавивме при минатата посета ќе се реализира. Со овој проект треба комплетно да биде променета фасадата со термофасада со што ќе се придонесе за енергетска ефикасност, како и внатрешно реконструирање на некои од одделенијата на болницата. Потоа ќе следи и реконструкцијата на Инфективното одделение кое е сместено во засебна зграда во склоп на болницата, а за што проектот е во завршна фаза. По завршување на проектот ќе се започне процедурата за набавка со што ќе се избере изведувач на градежните работи и за ова одделение, појасни Тодоров.
Тој воедно информира дека е направена сериозна заштеда на средства во делот на договорот за реконструкцијата на Велешката болница.
– Беа предвидени 25 милиони денари, а сега е падната инвестицијата на околу 18 милиони денари. Инаку овие средства за реконструкција на Велешката болница се од заштедените средства кои ги направи Министерството за здравство со централните набавки и овозможувањето на конкуренцијата и паралелниот увоз на лекови со што се заштедени вкупно 250 милиони денари. Токму еден дел од тие средства се наменети за реконструкција на Велешката болница, додаде Тодоров.