Потрошувачите во Обединетото Кралство беа збунети од велигденските јајца на полиците на различни супермаркети за време на божикните празници.
На дури четири месеци до Велигден, кој според Грегоријанскиот календар паѓа на 20-ти април следната година, купувачите се огласија на социјалните мрежи за да ја изразат својата збунетост откако најдоа велигденски јајца и колачи на продажба во продавниците на малопродажните синџири како „Morrisons“, „Tesco“ и „Asda“
Корисникот @Jingle1991, сподели слика од чоколадни зајачиња од брендот „Maltesers“ во продавница на „Sainsbury’s“ на Бадник со коментар: „Исус сè уште не е ни роден“.
Жителот на Маргејт, Гери Еванс, сподели фотографија чоколадните јајца „Creme Eggs“ во маркет на „Morrisons“ на католички Свети Стефан.
„Едноставно мислам дека не е нормално што сè е толку површно и бесмислено комерцијализирано… има нешто прилично налудничаво во тоа“, вели овој 66-годишник за новинската агенција PA.
Џозеф Робинсон пронашол велигденски слатки и тематски производи на брендовите „Kit-Kat“ и „Kinder Surprise“ во неговиот локален маркет на „Morrisons“ во Стоук-он-Трент во петокот навечер.
„Смешно е затоа што сè уште не успеале да ги извадат божикните чоколади од полиците, а веќе се подготвуваат за Велигден“, сведочи 35-годишен административен службеник за PA.
Маркетинг консултантот Ендрју Волис признава дека бил изненаден што ги видел јајцата во продавница на „Co-op“ во Килгети, додавајќи дека тоа исто така го илустрира „напредното размислување“ на големите бизниси.
„Ме натера да размислувам како големите брендови секогаш размислуваат однапред и планираат рано. Мојата порака до трговците на мало би била: додека планирањето однапред е важно, исто така е важно да се внимава на расположението на потрошувачите“, вели за PA 54-годишниот маж од островот Ман, кој дава маркетиншки совети за фитнес индустријата.