Вчеравечер, во галеријата КО-РА, беше отворена изложбата на Елизабета Костова, со наслов „Велигденско празнување“ .Изложбата ја отвори кураторот при Домот на културата „Кочо Рацин“ ,историчар на уметноста, Виолета Калиќ.
Ова нејзина седма по ред самостојна изложба.
Оваа изложба беше посветена на чествувањето на големиот христијански празник Велигден, како и досегашните изложби кои биле посветени и се дел од најразлични празнувања, по најразлични поводи.
„Низ сликарската визура на Елизабета Костова ни е презентирана една кревка суптилност, една поетика која провева во сите нејзини дела. Тие носат во себе непретенциозност, од сферата на интимизмот, едноставно како оттргнати од еден миг, кој воедно обединува и носталгичност и меланхолија и свеченоста на празнувањето, поетиката на исчекувањето, која тлее во секој од нас, особено врзано за навраќањето на големите празници, кои будат и една особена трага, затоа што здружуваат традиција, она што е дел од културната историја, она што е дел од семејното, од личното, од интимното. Амбиентот и амбиенталноста со сите тие вткаени сегменти и елементи метафорично побудуваат разнородни асоцијации, ја пренесуваат не само атмосферата,туку и амбиенталноста на тоа празнично славење, прославување, или исчекување на големите празници, каде што сакале или не се навраќаме со сето битие, не само на она што во мигот го чувствуваме ,туку и сето она што поимот празник го носи како феномен“, рече историчарката на уметност Виолета Калиќ.
Сликарството на Елизабета Костова е нежно, етерично, грацилно, како што е всушност и нејзината уметничка личност. Во нејзиното сликарство се среќаваат нежни, грациозни женски ликови, како што е и таа самата. Во овие слики жената како мајка, како заштитничка на огништето, домот и семејството, го држи пред себе садот со велигденските јајца, како симбол на животот, на зародишот, на изворот на животот ,што е воедно и самата. Нежно одбраните ,пастелни тонови будат некоја некоја кревкост, суптилност на изразот, интимност на домот и семејството, и ни будат најпрефинети естетски чувства. Таа лиричност, не оттргнува од светот на прозаичното доживување на стварноста и не понира во светот на ликовното, на високата естетика.