Велика Британија со нов рекорд по бројот на новозаразени

Велика Британија денеска забележа нов рекорд во однос на бројот на новозаразени со коронавирус.

Евидентирани се 88.376 нови случаи на зараза.

Така втор ден по ред е соборен рекордот на нови случаи. Вчера се регистрирани 78.610 нови случаи.

Најголем број на дневно регистрирани случаи пред вчерашниот ден бил на 8 јануари и изнесувал 68.053, јавува Би-би-си.

Денеска се регистрирани и 146 починати лица кои во последните 28 дена имале позитивен тест на ковид.

Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа одржа прес-конференција. Заедно со Џонсон, пред јавноста застанаа и шефот на англиското јавно здравство, проф. Крис Вити и др. Ники Канани, директорка на примарна грижа за НХС Англија.

Започна со повик за вакцинација со бустер доза додека омикрон продолжува да се шири низ целата земја.

„Секое возрасно лице во Англија од денес може да се вакцинира со бустер. Апсолутно е важно луѓето сега да се вакцинираат со бустер доза бидејќи Велика Британија бележи рекорден број на нови случаи“, рече тој.

„Стапката на удвојување на омикрон во некои региони сега е намалена на помалку од два дена“, рече тој, додавајќи дека хоспитализациите се зголемени за 10 отсто на национално ниво за една недела и за речиси една третина само во Лондон.

„Секое лице што ќе ги засука ракавите за да се вакцинира со бустер доза, им помага на националните напори во борбата против омикрон, без разлика дали стои во редот или резервирал вакцинација“, рече тој.