Велика Британија треба да биде благодарна за тоа дека Романците и Бугарите заземаат работни места што се избегнувани од Британците, изјави романскиот министер за труд, Маријана Кампеану во интервју за весникот „Тајмс“, истакнувајќи дека мора да се стави крај на ксенофобичните и расистичките напади против нејзините сонародници.
Министерката одби да направи проценка за бројот на Романците кои би отишле во Велика Британија по први јануари 2014 година, но истакна дека мнозинството од романските граѓани кои во моментов живеат во Велика Британија се економски имигранти, кои не живеат на сметка на државата.
Маријана Кампеану рече дека го поддржува планот на британскиот премиер Дејвид Камерон да ја ограничи социјалната помош за граѓаните од Европската унија, но истакна дека токму социјалните примања се причината поради која Британците не ги прифаќаат илјадниците ниско платени работни места, меѓу кои 22.000 места за берачи на овошје, што беа пополнети од Романците и Бугарите со привремени визи во летниот период.
Според зборовите на Кампеану „великодушниот“ систем за социјална помош во Велика Британија може да е причината поради која многу Британци не аплицираат за слободните места на пазарот на трудот.
Во меѓувреме, британскиот пратеник лабурист Кевин Барон, предупреди да не се шири паника и страв од евентуалното пристигнување на имигранти од Романија и Бугарија, што се очекува од следната година, пренесуваат локалните медиуми.
Во Долниот дом на Барон изјавил дека милиони луѓе веќе ги напуштиле овие две земји во потрага по работа, откако Романија и Бугарија се приклучија кон ЕУ во 2007 година, нарекувајќи ја срамна тврдата реторика за последиците.