Велосипедскo дефиле во општина Карпош

„Возете велосипед, но однесувајте се одговорно“, „Заштитниот шлем е препорачлив во случај на сообраќајна незгода“, „Редовно проверување на техничка исправност на Вашиот велосипед“ . Ова се дел од советите кои градоначалникот на Општина Карпош, Јакимовски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Стаменковски, ги споделија пред присутните.

Во рамките на кампањата „Подигнување на свеста за учество на ранливи категории во сообраќајот“, месец мај беше обезбеден за ранливата група учесници-велосипедисти. Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски, пренесе три пораки до граѓаните на општина Карпош.

– Денеска, во организација на Општина Карпош, реализираме една активност преку која праќаме три пораки. Локaлната самоуправа и локалните власти во цела Република Македонија треба да посветат поголемо и посериозно внимание за велосипедистите, како и да обезбедат подобри услови за нив. Втората порака која сакам да ја пренесам е поактивно користење на велосипедите во сообраќајот. Велосипедот претставува најеколошко и најекономично превозно средство кога е во прашање сообраќајот. И третата порака од оваа акција е наменета за сите велосипедисти за повнимателно и побезбедно да учествуваат во сообраќајот и да ги почитуваат сообраќајните знаци, правила и прописи, како и користење на велосипедска заштитна опрема.

karposh_velosipedi

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, упати апел до граѓаните на Карпош, како и до сите учесници во сообраќајот за побезбедно користење на велосипедот како и здрава навика.

– Општина Карпош ја поддржува оваа кампања и не само тоа, туку имаме дадено и свој придонес како поддршка на велосипедистите и на зголемување на нивната безбедност во сообраќајот. Така, по булеварот Партизански одреди поставивме жардиниери кои не се само украс во овој дел туку овозможуваат и заштита на велосипедистите кои се движат по оваа улица. Општина Карпош има свои велосипедски патеки од Порта Влае до границата со Општина Центар. Апелираме и другите општини да најдат начини и да обезбедат велосипедски патеки за да можат велосипедистите да се движат безбедно. Исто така, ги повикуваме сите оние граѓани кои користат велосипеди да користат и соодветна заштитна опрема и што почесто да го користат велосипедот – рече Јакимовски и како вистински пример го посочи дедо Миле Станковиќ кој веќе 84 години со велосипед ја одржува спортската кондиција, но и безбедно управува.

По медиумските изјави, градоначалникот Јакимовски и претседателот на Советот на Општина Карпош, Лазаровски, претставници од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и административци и голема група граѓани, се придружија на велосипедскиот маратон низ општината, како знак за подигнување свест кај оваа ранлива група учесници во сообраќајот – велосипедистите.