Венеција го одложи наплаќањето за влез во градот за туристите

Венеција ги одложи плановите за воведување билети за посетители бидејќи градскиот совет сè уште целосно не го одобрил новиот процес на издавање билети, според портпаролот на градоначалникот Луиџи Бруњаро.

Туристичките власти во јули истакнаа дека дневните посетители ќе треба да ја резервираат својата посета на градот преку Интернет од 16 јануари 2023 година и да платат помеѓу три и 10 евра за да влезат, во обид да го контролираат влезот во градот.

Но, портпаролот на градоначалникот рече дека градскиот совет сè уште не ги одобрил потребните прописи, што значи дека датумот за почеток ќе треба да се одложи. Процесот ќе трае најмалку шест месеци, додаде тој.

Планот, кој првпат беше откриен во 2019 година, првично беше одложен поради Ковид-19, што ги оддалечи туристите.

Сепак, годинава има обновен прилив на туристи во Венеција, а бидејќи посетителите често се побројни од 50.000 жители на центарот на градот, поплавувајќи ги тесните улички, наплатата на дневни билети повторно е на агендата на градоначалникот.