Овие сериозни забелешки според ВМРО ДПМНЕ е правно политички срам за Владата, а од СДСМ засега не коментираат. Денеска на собраниска седница пратениците од ВМРО ДПМНЕ бараа да се повлече од дневен ред Инспекторатот кој ќе казнува за неспроведување на Законот за јазици, но мнозинството пратеници го одбија овој предлог.
Од владејачката СДСМ коментираа дека мислењето на Венецијанската комисија сѐ уште не е официјално и оти комуникацијата на ниво на институции продолжува.
„Непринципиелно е да коментираме драфт верзија, секако мора да оставиме Венецијанската комисија официјално да излезе со нејзиното мислење, потоа ќе може да коментираме. Зошто не го коментираме? Од причина што сеуште постои комуникација помеѓу институциите и Венецијалнската комисија во однос на насоките, мислењата, а со тоа се потврдува дека може да претрпи промени до официјалното објавување на нивното мислење, секако ќе оставиме простор да излезе официјалното мислење на Венецијанската комисија, а потоа ќе можеме конкретно да ги коментираме нашите ставови“, рече Костадинов.
Драфт мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазици е правно политички срам за државата која го нанесува Цладата на Зоран Заев, сметаат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Антонио Милошоски рече дека оваа „правна шлаканица за целата Владата“ треба да биде прифатена од премиерот и да го исполни своето ветување дека забелешките на Венецијанската комисија ќе бидат преточени во амандмани.
– Бараме веднаш да се повлече и Закон за инспекторат за употреба на јазиците кој е во собраниска процедура. Ние сметаме дека законот од 2008 година е применлив, и може треба да се прилагоди уште малку. Но, на тој закон немало вакви ригидни забелешки и правни недостатоци кои беа посочени од Венецијанската комисија за овој закон за кој предупредувавме дека е неефикасен и е повеќе политички, а не подобрува јазични стандарди или права – вели Милошоски.
Додаде дека ова мислење на Венецијанската комисија треба да биде искористено како поука кога се планираат големи структурни измени законските решенија да се испраќаат до Венецијанската комисија во фаза кога се предлози. Токму затоа, продолжи Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат повлечени и Законот за Академија за судии и јавни обвинители и Законот за јавно обивнителство и да се испратат до ова меѓународно тело.
Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, порача дека Законот за јазици е „бесценет и ваков каков што е, носи меѓуетнички мир“.
„Не е примено мислењето на Венецијанската, но какво и да е, ние ќе го почитуваме. Во оваа драфт верзија, Комисијата ги поздравува унапредените јазични права на и изразува загриженост само во делот на цената на чинење на неговата имплементација. Цената на мирот на еднаквоста и меѓуетничките подноси е неспроведлива со симболичната цена на имплементација на еден закон со кој всушност се заокружува Охридскиот договор“, рече Груби.
Законот за јазиците оди премногу далеку, наметнувајќи нереални обврски на институциите, особено што се предвидува употребата на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена, укажува Венецијанската комисија во документот објавен од порталот „Плусинфо“.
„Високо огромни и скапи обврски што законот ги наметнува особено на судските органи се придружени со тешки парични санкции во случај на непочитување (член 23). Покрај тоа, неуспехот да се обезбеди превод и толкување што се бара со закон во текот на постапката претставува основа за враќање на судската одлука (член 9 (5)). Под сегашни околности, доколку се применува целосно законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права“, се вели во заклучокот.
Се работи за дел од заклучоците на Венецијанската комисија, што официјално ќе се објават на 17-ти октомври.
Овој закон беше денесен во март 2018 година во тензична атмосфера во Собранието, кога имаше и физички конфликт помеѓу пратеникот и поранешен премиер Никола Груевски и собранискиот спикер Талат Џафери, за на крај со 64 гласа „За“ да биде усвоен, без да се разгледаат илјадници амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.
Во практика, речиси на секоја државна институција стојат таблички со албански јазик, а неговата примена е дискутабилна во зависност од потребите на граѓаните да комуницираат со институциите на јазикот на кој сакаат.