Венецуела: 33 воени лица уапсени за заговор

Триесет и тројца венецуелски офицери и подофицери се уапсени, деградирани и исклучени од вооружените сили под обвинение за заговор против власта на претседателот Николас Мадуро, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Во соопштението се именувани генерал-мајор, двајца полковници, шест потполковници, девет мајори, двајца капетани, шест поручници од прва класа и седум наредници.

Тие би биле „вмешани во заговори преку планирање на криминални и терористички акции насочени кон напад на легитимно конституираниот систем на власт, институциите на државата и венецуелскиот народ, дури и убиство на шефот на државата“, рече министерот за одбрана Владимир Падрино.

„Овие предавници никогаш не требало да ја носат униформата. Тоа е група која воопшто не ги претставува вооружените сили“, рече министерот Падрино во видеото објавено на социјалните мрежи.

Војската, која особено го надзира функционирањето на стратешките компании за рударство, нафта и дистрибуција, е столбот на моќта на претседателот Николас Мадуро. Опозицијата и невладините организации кои имаат отворена политичка и финансиска поддршка од САД, редовно ги осудуваат наводните корупциските мрежи кои наводно им овозможиле на многу функционери да се збогатат.

Владата на Венецуела редовно ги осудува заговорите или нападите против неа, често обвинувајќи ги за извор на таквите нападо САД, опозицијата или колумбиските нарко-картели.

„Сите уапсени признаа и открија информации за плановите против венецуелскиот народ и демократското општество“, изјави државниот обвинител Тарек Вилијам Сааб за новинарите, додавајќи дека уште 11 лица, вклучително и некои активисти за човекови права и новинари, подлежат на налози за апсење.

Без да навлегува тогаш во поединости, претседателот Мадуро веќе ги спомна тие заговори во текот на неговото годишно обраќање до нацијата минатата седмица.

Американскиот Стејт департмент во вторникот соопшти дека е „длабоко загрижен“ поради апсењата „без соодветна постапка“, за кои рече дека се спротивни на духот на договорот меѓу владата на Мадуро и опозицијата.