Владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро ослободи најмалку 20 затвореници поврзани со опозицијата и 10 Американци во замена за ослободување на сојузници на Мадуро во САД, изјавија во средата двајца високи американски претставници.
За сојузник на Мадуро се смета колумбискиот бизнисмен Алекс Сааб, кој беше помилуван од американскиот претседател Џо Бајден и вратен во Венецуела, според еден американски функционер кој зборувал за Reuters под услов на анонимност. Американските обвинители го обвинија дека извлекол речиси 350 милиони американски долари од Венецуела преку САД во шема која вклучувала поткуп на венецуелски официјални лица. Тој го негира обвинението.
Како дел од договорот, шестмина Американци за кои САД тврдеа дека биле неправедно затворени, беа ослободени, соопштија американските власти. Венецуела, исто така, го вратила во САД и избеганиот малезискиот бизнисмен Леонард Глен Френсис, наречен „Дебелиот Леонард“, кој бил вмешан во поткуп во американската морнарица, според официјални лица.
Меѓу ослободените Венецуелци има и шест образовни активисти, според нивниот адвокат и сопругата на еден од нив. Тие годинава беа осудени за заговор и осудени на 16 години затвор, но тврдеа дека се невини.
Белата куќа неодамна соопшти дека очекува напредок во ослободувањето на затворениците за да продолжи со ублажувањето на енергетските санкции кон Каракас како одговор на договорот на венецуелската влада да одржи фер избори во 2024 година. Всушност станува збор за ослободување на санкционираните од САД барели венецуелска нафта коишто треба да ѝ помогнат на администрацијата на Бајден да го стивне незадоволството на Американците поради рапидниот скок на цените на горивата на домашниот пазар.
Вашингтон ѝ даде рок на венецуелската влада до 30-ти ноември да „постигне напредок во укинувањето на забраните за опозициските кандидати да извршуваат јавни функции и да започне со ослободување на политичките затвореници и погрешно затворените Американци за да се избегне повторното воведување на санкциите“. Во преговорите меѓу Каракас и Вашингтон, посредуваше блискоисточниот американски сојузник Катар.