![oskar perez](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/01/oskar-perez.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Неколку лица загинале, меѓу нив и двајца полицајци, а пет лица се уапсени во понеделникот во предградие на венецуелската престолнина Каракас, во голема операција на безбедносните сили во засолништето на поранешниот венецуелски полициски пилот кој ланскиот јуни од хеликоптер на нападна зградата на владата, пренесуваат агенциите.
„Членовите на оваа терористичка група којашто давале отпор се убиени, а петмина се уапсени“, објави министерството за внатрешни работи на Венецуела во соопштение во коешто бунтовниците се нарекуваат терористи.
Во текстот не е наведено каква е судбината на одметнатиот полициски пилот Оскар Перез кој стана познат во периодот на големите протести против претседателот Николас Мадуро во кој 125 луѓе ги загубија животите, меѓу април и јули 2017 година, пренесува AFP.
Перез се криел во сиромашниот кварт Ел Жункито, а во понеделникот со окрвавено лице во речиси десетминутната драматична снимка на Instagram тврдеше дека се опколени, дека полицијата ги гаѓа со проектили и порача: „Ранети сме… нѐ убиваа“.
„Двајца полицајци починаа од здобиените повреди, а петмина се тешко ранети“, се додава уште во соопштението на венецуелската полиција.
По Перез е распишана потерница откако од украден хеликоптер на 27-ми јуни фрли четири гранати врз Врховниот суд и отвори оган врз министерството за внатрешни работи, при што немаше жртви. Ви декември Перез со неговата група провали во касарна на Националната гарда од каде што, според неговото тврдење,украле големо количество оружје. Акцијата во којашто имаше жртви ја оправда со „борба против тиранската влада на претседателот Мадуро“.
Социјалистичката влада го нарекува Перез „фанатичен екстремистички терорист“ и со месеци се обидуваше да дојде до него. Меѓутоа, западните критичари на Мадуро го поставуваат прашањето дали нападите на Перез не се во договор со Мадуро и неговата влада за да се оправда задушувањето на венецуелската опозиција.
„Напаѓачите кукавички ги нападнаа силите на редот додека траеја преговорите“ се наведува во соопштението во кое се тврди дека луѓето на Перез „се обидоа да детонираат возило наполнето со експлозив“.
Агенцијата Reuters пишува дека Перез бил акциска филмска ѕвезда и дека самиот сакал да се претставува како Џејмс Бонд или Рамбо, со што во долготрајната политичка драма во Венецуеал внел надреалистичка нота.
Опозициските лидери преку социјалната мрежа Twitter бараа да му се суди на Перез и да се почитува неговото право на живот, бидејќи во Венецуела нема смртна казна.